Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави денес дека „веднаш ќе делува“ за да ја забрани работата на катарската медиумска куќа Ал џезира во Израел откако Кнесетот ја одобри забраната.
Терористичкиот канал Ал џезира повеќе нема да емитува од Израел. Веднаш ќе делувам во согласност со новиот закон за да ги сопрам активностите на каналот, порача Нетанјаху на социјалните мрежи.
Кнесетот одобри мерка која овозможува привремено сопирање на работата на странските медиуми кои ќе се означат како закана за националната безбедност.
Законот одобрен денес ќе му овозможи на Нетанјаху и на владата да ја прекинат работата на медиуми на период од 45 дена, што може да се обнови по истекот на тој рок. Мерката ќе остане на сила до крајот на јули или до крајот на воените операции во Газа, пишува Ројтерс.
Израелскиот министер за комуникации Шломо Караи ја обвини Ал џезира, која известува директно од Појасот Газа и е критична кон израелското воено дејствување, дека поттикнува непријателство кон неговата држава.
Кажа дека е „невозможно да се толерира“ медиумската куќа која „одвнатре дејствува против Израел, особено во воено време“.