Левичарската партија на Алексис Ципрас, „Сириза“ договори формирање на нова грчка Влада со десничарската партија на Независни грци, пренесува BBC.
Денеска попладне пак, Ципрас положува заклетва за премиер, што ќе стане и најмладиот на таа функција во Грција последните 150 години. Тој заклетвата ќе ја даде пред претседателот на земјата Каролос Папуљас.
Сириза на вчерашните избори победи со ветувањето дека ќе ја промени финансиската криза во Грција, и ќе го измени договорот со меѓународната кредиторска Тројка.
По 99.9 отсто преброени гласови, Сириза освои 149 пратенички места, во Парламентот кој вкупно брои 300 места. На второто место на изборите се Конзервативците предводени од сега веќе поранешниот премиер Андонис Самарас, а на трето место се најде Златна зора.
Ципрас во меѓувреме добива честитки од меѓународната јавност за освоената победа.
Шефовите на европските институции, со исклучок на претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, досега немаат коментирано за резултатите во Грција.
– Им честитам на Ципрас и Сириза и им посакувам што побрзо формирање на влада која ќе биде конструктивна и внатре и надвор со европските партнери, објави Шулц на Твитер.
Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на Ципрас, изразувајќи уверување дека Русија и Грција ќе продолжат со конструктивна соработка во сите области.
Од оние кои доаѓаат од десниот блок во ЕУ, ниту претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, ниту претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, се немаат изјаснато по победата на левичарската „Сириза“.
Портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека таа очекува новата грчка влада да го почитува договорот постигнат со меѓународните кредитори.
– За нас е важно новата влада да продолжи да ги применува мерките за економско заздравување на Грција. Тоа значи дека Грција треба да го почитува она што претходно го договори, изјави Штефан Зајберт.




