Околу 300 преживеани логораши од Аушвиц ќе учествуваат денеска на церемонијата во Полска по повод 70-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор.
Церемонијата ќе се одржи попладне во Меморијалниот центар крај Краков на местото на поранешниот логор.
На настанот ќе присуствуваат претседателите на Франција, Германија и Украина, Франсоа Оланд, Јоаким Гаук и Петро Порошенко, САД ќе бидат претставени од министерот за финансии Џејкоб Ли, а Русија од началникот на претседателската администрација Сергеј Иванов.
На церемонијата ќе учествувата и кралот на Белгија Филип, придружуван од сопругата Матилда, кралот на Холандија Вилем Александар и кралицата Максима, како и дваесетина други претседатели или премиери.
Единици на советската армија го ослободија Аушвиц во јануари 1945 година, претходно во овој озлогласен концентрационен логор беа убиени 1,1 милион лица, претежно евреи од различни европски земји.




