Седум професори – тестатори го извршуваат екстерното тестирање денеска во СОУ„Димитар Влахов“, во Струмица, иако истите не се професори од ова училиште. Тие кои што ги начекавме во дворот на училиштето велат дека тестирањето не започнало во предвидениот термин, бидејќи се чекало на пин кодот од МОН.
„Ние сме седум тестатори и сметаме дека е правилно тестаторите да бидат од други училишта заради регуларноста на самото тестирање“, изјавија професорите од основното училиште „Гоце Делчев“ во Василево, кои треба денеска да го извршат тестирањето на учениците во „Димитар Влахов“.
Учениците кои чекаат во школскиот двор велат дека денеска не им било дозволено од страна на тестаторите да се потпишат и да си отидат, како што тоа го направиле во понеделникот, заради тоа што професорите од училиштето се во штрајк.
„ Ни кажаа да чекаме додека да се испрати пин кодот за компјутерите, но ние не планираме да чекаме до 13 часот. Дојдени сме од 09. часот наутро“, вели ученичка од четврта година.
Наставниците кои штрајкуваат изјавија дека се прекршуваат сите законски мерки.
„Нема формирано никаква комисија од училиштето, по брза постапка беше спроведена комисија надвор од училиштето за да биде извршено екстерно тестирање“, вели Ванчо Ристов, професор во СОУ„Димитар Влахов“.
Инаку до вчера единствено во ова училиште не се извршуваше екстерно тестирање, затоа што сите професори штрајкуваат.
Тие и денеска седат во просторијата наменета за штрајк и како што велат, им било кажано да не излегуваат за да не го попречуваат тестирањето на учениците.