Осумгодишен ученик од Ница во Франција беше сослушан од полицијата на 28 јануари.
Причина за сослушувањето се неговите зборови изговорени во училиште. По атентатите против Шарли Ебдо, за време на една дебата во класот, ученикот изразил “солидарност” со терористите: “Јас сум од страната на терористите затоа што сум против карикатурите на пророкот Мухамед”, рекол малиот како одговор на прашањето на учителот “дали сте вие Шарли?”.
Учителот загрижено ги пренел зборовите на директорот а директорот се јавил во полиција. «Го повикавме детето на разговор заедно со татко му за да се обидеме да разбереме како дошло до тоа едно 8годишни дете да изговори такви радикални зборови», им објаснил еден инспектор на новинарите од агенцијата АФП.
По сослушувањето кое траело 30 минути, детето си играло со играчките што му ги дале за време на сослушувањето на таткото кој ја носи законската одговорност. Во полицијата прецизираат дека «можеме да изразиме жалење што сето тоа доби формална форма но, со оглед на важноста на изјавата и контекстот, ни се чинеше дека треба да одиме малку подалеку во случајот».
«Апологијата на тероризмот» е законски казнива во Франција. Казната може да оди до 7 години затвор и 100.000 евра. Со оглед на тоа што овде станува случај за малолетник помал од 10 години санцкиите не биле земени во предвид. За малолентици казната се состои во воспитни мерки.
Според адвокатот родителите добро му објасниле на детето дека «тероризмот е лоша работа». Тој исто така изрази изненадување поради «колективната хистерија» која денес владее во Франција и која води до сослушување во полиција на 8годишно дете.




