Манифестацијата со вековна традиција и со најголем број учесници и посетители во Република Македонија, не постои за Министерството за култура, соопштуваат од општина Струмица. Од таму велат дека нема конкретно образложение зошто Струмица не доби поддршка од Министерството за култура за проектот меѓународен струмички карневал 2015, доставен на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на музичка и музичко – сценска дејност.
„Срамно и жално, истовремено. Светот ги виде, а Министерството за култура не успеа да ги препознае вистинските вредности на струмичкиот карневал. Ниту пак непристрасната комисија“, се вели во соопштението од општината.
НОВА побара одговор од Министерството за култура од кои причини не ја поддржуваат ова манифестација.
Од таму одговорија дека за вакви проекти одлучуваат стручни комисии составени од реномирани професори и истакнати експерти и додаваат дека општина Струмица може во рок од 15 дена да достави приговор.
Од култура изјавија дека преку националните установи од областа на културата, Центарот за култура „Антон Панов“ и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Струмица, континуирано поддржуваат голем број на проекти.
„Од особена важност е што во оваа општина се гради Струмичкиот театар, а редовно се поддржуваат и многу традиционални манифестации меѓу како „Астер фест“ и „Ристо Шишков“, велат од Министерството за култура.
Ваквата одлука за струмичкиот карневал предизвика многу жестоки реакции и по социјалните мрежи, пред се меѓу жителите на Струмица. Револтот меѓу струмичани е пред се поради, како што велат, нерамноправниот однос од страна на Министерството алудирајќи на вевчанскиот карневал кој наиде на жестоки критики пред се од здруженијата за заштита на животни. Инаку , Министерството за култура го поддржува вевчанскиот карневал со 1милион денари, а министерката за култура годинава и лично присуствуваше.
Еве дел од реакциите на струмичките граѓани по одлуката на Министерството за култура.
„Почитувани господа од Министерството за „некултура“, не можете да го уништите духот на струмичкиот карневал бидејќи и без ваша поддршка ќе се одржи“.
„Не можете да правите споредба со маалски карневали како што се вевчанскиот и прилепскиот“.
„ Формата на трите карневали е различна, но струмичкиот да помине без финансиска поддршка не држи вода“.
„Карневалот никогаш не беше поддржуван од ниту една влада на власт, колку и ние да врескаме и пискаме нема да се смени ништо се додека некој што е на позиција не се потруди за тоа. Жално е што од толку многу струмички пратеници никој не се замара за тоа“.
Струмичкиот карневал датира од паганско време, како и вевчанскиот, но кај него преовладува еротската содржина. Подоцна, се поврзува со верскиот празник Тримери, како и почетокот на велигденскиот пост. Организираната форма е востановена во седумдесеттите години на 20 век, а обновена 90-тите. Токму заради акцентот на традицијата, верата и новите текови, карневалот трае речиси една седмица.
Од 1994 година Струмица е член на Меѓународната асоцијација на карневалските градови – FECC, со што карневалот доби интернационален карактер и се вброи во картата на светските карневали. Како резултат на вековната традиција, Струмичкиот карневал прерасна во културна манифестација со која Струмица е препознатлива не само во Република Македонија, туку и многу пошироко. Карневалот се вбројува меѓу 20-те топ улични карневали во светот, а Министерството за економија на Република Македонија го прогласи за најдобра туристичка манифестација во Македонија.
Најпознатата американска телевизија NBC својата репортажа за карневалите во светот насловена како ,,Од Бразил до Македонија: Карневалите ги започнаа шареноликите празнувања“ ја започна со карневалот во Рио за на крајот да заврши со струмичкиот карневал.
Од општина Струмица велат дека и покрај сето ова, за Министерство за култура не е доволно финансиски да го поддржи струмичкиот карневал, но затоа пак дека било дарежливо и тоа со милионски суми, за останатите манифестации од таков тип во државата.