Јордан погуби двајца затвореници, меѓу кои и терористката Саида Ал Ришави, откако најави дека на бруталното убиство на јорданскиот пилот кој беше заложник на ИСИС ќе одговори со убивање.
Владиниот портпарол Мохамед ал-Момани рече дека вториот затвореник е Зијад ал-Карбули. Егзекуциите биле извршени со бесење, јави Ројтерс.
Ал-Ришави беше осудена на смрт откако пред една деценија безуспешно се обиде да се разнесе со експлозив во напад на Ал Каеда во Јордан, во кој загинаа 60 лица, и чекаше да ѝ биде извршена смртна казна. Ал-Карбули, пак, бил висок претставник на Ал Каеда, осуден на смрт поради планирање напади против Јордан.

Ваквиот одговор од Аман доаѓа откако џихадистите вчера го запалија јорданскиот пилот. На пилотот пред завршниот чин му бил ставен превез преку очите.
Белата куќа соопшти дека работи на проверките за автентичноста на видео-снимката, истакнувајќи дека се солидализира со Јордан.
Вашингтон го осуди чинот на Исламската држава и повика на ослободување на сите заложници кои се во нивни раце.




