Жителите на село Ѓавото со солзи во очи и во шок раскажуваат за трагедијата што утринава се случи во фабриката за полнење на плински боци,„Балкан – Гас“ во Богданци, во која животот го изгубија тројца нивни сограѓани Васе Дуев (42), Златко Дуев (60) и Благој Делков (40).
„Дење – ноќе бевме заедно со Васе. Заедно одевме по дрва, славевме Нова година. Не беше оженет. Само што си ја среди куќата, па потоа планираше и да се ожени“, вели Марјан, другар на починатиот Васе Дуев.
Тетката и тетинот на Васе едвај можат да говорат за страшната несреќа која го снајде нивниот внук.
„Не беше оженет, живееше со мајка му. Но еве и Васе го снајде истата судбина како неговиот татко, и тој почина на негова возраст. Сега мајка му остана сама“, велат Љупчо и Линка.
Љупчо додава дека во целата оваа несреќа, сепак не се случило она најлошото од кое можело да настрада целиот град Богданци.
„Доколку експлодирала најголемата боца, која тежи околу 20 тона, тогаш ќе се случеше бомба која ќе го уништеше целиот град“, објаснува Љупчо.
Жителите на селото велат дека трагично починатите во утринската несреќа биле добри и мирни луѓе. Еден од починатите, Златко Дуев, е брат на сопственикот на фабриката.
„Ова е страшна трагедија. Живеевме добро, и во лошо и во зло, секогаш си помагавме“, вели Љупчо Дуев, роднина и сосед на еден од починатите.
Во моментов се уште се чека да пристигне судската медицина од Скопје, за да се направи идентификација на телата.
Според првичните сознанија, пожарот избувнал изутрината во 8.50 часот од искра во одделот за полнење плински боци, а силната експлозија го вознемирила населението во Богданци.
Очевидци на местото на настанот виделе како по самата експлозија еден од жртвите се фрлил во реката запален, а по се изгледа станува збор за повредениот кој е пренесен на клиниките во Скопје. Сите жртви се од селото Ѓавато.
Петнаесет минути после експлозијата на лице место дошла противпожарна екипа од Гевгелија, која што го локализирала пожарот, а увидот кој се врши моментално со закаснување е поради можноста од повторна експлозија.
Очевидци од Богданци кажуваат дека слушнале две силни експлозии експлозија исто како да има земјотрес.
Обвинителката Василка Садикова Ковачева, од Обвинителство – Гевгелија изјави дека земен е хард дискот од компјутерот на објектот, за да се види од снимките како е настаната експлозијата.
Екипата на НОВА останува на местото на настанот.