Социјалдемократскиот сојуз во моментов го одржува Централниот одбор на партијата на која ќе се одлучува кога ќе бидат објавени компромитирачките материјали кои како што велат, ги поседуваат за власта, јавува репортерот на НОВА, Владо Апостолов.
Извесно е дека Заев ќе ја добие поддршката од членовите, но не се знае дали ќе биде објавена стратегијата – како и кога ќе бидат објавени материјалите кои во јавноста се познати како „бомби“: дали на собраниска седница, на митинзи, на прес-конференции, преку медиуми или комбинација на дел од овие опции.
Една од причините зошто толку се тактизира е безбедноста на луѓето кои се охрабриле и одважиле повеќе да не го трпат она што се случува во Македонија и направиле храбар чекор, изјави во интервју за БИРН неодамна, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Ми тежи што невини луѓе се во притвор. Ме боли, ме кине. Но, тоа истовремено ми дава дополнителна сила за уште посериозен, повнимателен и порешителен пристап. На крајот на денот, тој што тоа го правел тоа треба да се чувствува виновен и да е загрижен. Јас сум овде поштарот. Луѓето најверојатно ќе ги предале овие материјали во Јавното обвинителство ако верувале во него“, рече тој.




