Референдумот на кој Словаците требаше да се изјаснат дали Уставот треба да забрани хомосексуален брак вчера пропадна во оваа земја поради недоволен одѕив на гласачите. Истовремено овој одѕив покажа голема поделеност на жителите на Словачка околу ова прашање.
Според Бирото за национална статистика само 21,40 отсто од вкупниот број на 4,4 милиони гласачи излегле да го дадат својот глас. Неопходниот процент за успех на референдумот е 50 отсто.
Дури 94,5 отсто од гласачите кои излегоа на референдумот се изјаснија дека се против ваков вид брак. Приврзаниците на хомосексуалниот брак ги повикаа Словаците да го бојкотираат референдумот кој, според нив, е тотално непотребен. Имено, словачкиот Устав веќе го дефинира бракот како “екслузивна унија помеѓу еден маж и една жена”. Во Словачка не е дозволена ни цивилна унија помеѓу лица од ист пол.
Двете страни тврдат дека победиле.
“Прашањата беа јасно поставени и 90 отсто од гласачите одговорија “да”. Да за семејството, да за брак помеѓу маж и жена и тоа е прекрасно”, изјави Антон Кромик од Алијансата за семејство, невладина организација која го иницираше референдумот.
Приврзаниците на хомосексуален брак се задоволни што референдумот не е успешен но стравуваат дека анти-хомосексуалните чувства ќе испливаат на површина за време на изборите во 2016 година.
Народната консултација покажа дека во Словачка постои многу омраза против хомосексуалците. Алијансата за семејство беше активна за време на кампањата.
Словачките телевизии одбија да прикажат едно нивно видео. Во видеото едно дете го чека доаѓањето на луѓето што треба да го посвојат. На вратата влегуваат двајца мажи а детето, изненадено, прашува: “Каде е мама?”.
Инаку хомосексуалниот брак е дозволен во дванаест земји западни и северни држави на Европа.




