Доколку Грција не успее да постигне нов договор за одржливо враќање на долговите, земјата би можела да се обрати кон САД, Русија или Кина, вели грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, лидер на Независни Грци, партијата со која Сириза ја создаде новата Влада.
Новата Влада се подготвува да ги претстави своите идеи при средбата на министрите за финансии од еврозоната во среда. Според кабинетот на премиерот Ципрас, условите за спасувачкиот план во вредност од 240 милијарди евра се премногу тешки.
Сириза уште кога ја освои власта, беше предупредена од неколку претставници на ЕУ дека очекуваат таа ги испочитува договорите од претходната Влада.
Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека очекува Грција да претстави предлог за „одржливост“ во средата.




