Десеттина граѓани од Граѓанското движење за одбрана на Македонија побараа од струмичани да се приклучат кон нивната иницијатива за одбрана на државата. Тие велат дека биле незадоволни од актуелните случувања во државата и затоа не требало да се дозволи да се гази по земјата со шпионски работи кои делувале штетно за Македонија.
Лекарката Ели Карчева од Струмица вели дека секој еден граѓанин бил загрозен во оваа држава. Според неа дестабилизацијата во една држава водела до несигурност на секој граѓанин.
„Во моментов нема дестабилизација, затоа што не се дозволува, но не значи дека не може да биде дестабилизирана, вели Карчева.
На прашање на НОВА, од кого ја бранат државата и кој ја загрозува во моментот, Карчева вели, од секој еден кој може да и наштети.
„Од секој кој е насочен свесно или несвесно од нашите сограѓани, може некој да е и од позицијата, а да работи некои работи што не му чинат, а може да е и од опозицијата. Меѓутоа актуелни сега се оние работи кои ги спроведува опозицискиот лидер, дека има сознанија од странски служби“, вели Карчева.
На прашањето дали тоа значи дека сме загрозени од опозицискиот лидер, Карчева додава дека сите тие активности кои биле во склоп на некои надворешни сили, а поткрепени со домашни луѓе, требало да бидат откриени и да бидат казнети.
„Светски лидери, претседателот на Светската банка, како и господинот од Италија за финансии имаат дадено свое мислење дека сите тие работи не му се потребни на опозицискиот лидер, да се употребуваат документи дека има сознанија за овој или оној. Ако сите, односно целата држава е иследувана од странски шпионски служби и тоа е доставено до опозицијата, тоа води до дестабилизација“, изјави Карчева.
Во Струмица требаше да биде присутна и професорката Виолета Ачовска, но не дојде зошто како што истакнаа останала во друга општина.