Интервју на Нова со Џабир Дерала, Претседател на ЦИВИЛ и Главен и одговорен уредник на медиумската платрформа на ЦИВИЛ, ЦивилМедиа
Дерала: Оваа форма на комуникација со луѓето има повеќе предности. Пред сè, секој што ќе го види прашањето може да избере да остане анонимен или јавно да сподели коментар. Тоа е невозможно во анкети со камера на улица. Луѓето внимаваат на својата приватност, а и не секој се чувствува комотно пред камера. Понатаму, со оглед на тоа што ЦИВИЛ има повеќе од 40.000 следбеници на социјалните мрежи, досегот на „Прашањето на денот“ е прилично висок.
Нова: Од почетокот на септември, ЦивилМедиа поставува „Прашање на денот“ секој работен ден. За предизвиците на почетокот на школската година, пензиите, безбедноста на учениците, кој вистински владее со државата, интерпелацијата на Гаши и владиниот проект за 250 милиони евра за општините… Од каде идејата?
Дерала: ЦИВИЛ како мултидисциплинарна организација која од почетокот на своето 25-годишно постоење има динамична медиумска продукција, секогаш бил близок до граѓанките и граѓаните.
Може да се каже дека, како што ЦИВИЛ е изворна македонска граѓанска организација, така и медиумската платформа на ЦИВИЛ се потпира на граѓанките и граѓаните, на нивните најдиректни потреби.
Оттаму, иако се работи за, условно кажано, нов медиумски продукт, самата идеја е вградена во начинот на работата и на организацијата и на медиумската платформа од самите почетоци. Самата организација, кога ја формиравме во 1999 година, започна со таа идеја, да создаде простор за граѓанско дејствување.
Нова: ЦИВИЛ и преходни има сопствени искуства и успешни реализации на теми од типот „граѓанско новинарство?
Дерала: Ако треба да илустрирам малку подетално, не треба да се изостави инспирацијата што извира од работата на еден долгогодишен проект на организацијата, а тоа е „Граѓански објектив“, со финансиска поддршка од National Endowment for Democracy.
Проектот, меѓу другото, предвидуваше обука на граѓански новинарки и новинари кои известуваа за настаните во нивната непосредна близина. Околу 1.000 луѓе беа вклучени во обуките, беа објавени исто толку, ако не и повеќе, текстови и видео прилози на најразлични теми, а беа отпечатени и четири книги за граѓанското новинарство и за резултатите од проектот.
Придонесот на граѓанските новинарки и новинари за откривање на изборните измами беше клучен во периодот на спроведувањето на проектот (2015-2021).
Нашите соработнички и соработници од целата земја правеа и анкети на улица, снимаа протести, откриваа сериозни проблеми како што се дискриминацијата, реагираа на лажните вести и пропагандата, а поставуваа и голем број прашања за кои потоа заеднички баравме одговор од релевантни институции, политичари и експерти.
Спроведовме и низа други значајни проекти што директно ги вклучуваа граѓанките и граѓаните од сите заедници. Такви се проектите „Слободни граѓанки и граѓани за слободно општество“, „Европа е наш дом“ и други, со поддршка од МНР на Германија. Во сите тие проекти главниот збор го имаат токму граѓанките и граѓаните кои ги артикулираат своите интереси и барања преку медиумската платформа на ЦИВИЛ, како и преку други облици на граѓанско дејствување.
Нова: И новинарската теорија и новинарската практика упатува дека нема граѓанско новинарство без директен, без непосреденен интеракциски контакт на медиумот, на репоретерите со граѓаните. Искуствата на ЦИВИЛ не се мали.
Дерала: Па да. И нашето знаење и искуство потекнуваат од директната и непосредна комуникација со луѓето. Тие имаат непречен пристап до организацијата и до медиумската платформа, бидејќи ние сме дел од нив, односно луѓето, граѓанките и граѓаните се ЦИВИЛ.
Нова: ЦИВИЛ и најактуелното „Прашање на денот“, какви се првичните сознанија, искуства, интересот и учеството на граѓаните?
Дерала: Од првиот ден кога беше поставено првото прашање имаше навистина голем одзив од сите страни.
Повеќе десетици коментари пристигнаа веќе во првите неколку часа. Имаме разбирање и за оние што не сакаат да ги споделат своите ставови јавно, така што оние што ни пишуваат во пораки, остануваат анонимни.
Оваа форма на комуникација со луѓето има повеќе предности. Пред сè, секој што ќе го види прашањето може да избере да остане анонимен или јавно да сподели коментар. Тоа е невозможно во анкети со камера на улица. Луѓето внимаваат на својата приватност, а и не секој се чувствува комотно пред камера. Понатаму, со оглед на тоа што ЦИВИЛ има повеќе од 40.000 следбеници на социјалните мрежи, досегот на „Прашањето на денот“ е прилично висок.
Нова: Што потоа по пеашањетро, кои активности натаму ги практикува тимот на ЦИВИЛ на темата?
Дерала: Се разбира, не остануваме само на прашањето. Ден по поставеното прашање, уредничките и уредниците на ЦивилМедиа ги собираат сите одговори што пристигнале во коментарите и пораките и објавуваат прилог со нив, од каде што може да се извлечат многу интересни пораки, информации и предлози. Тоа е одлично четиво за сите што се занимаваат со спроведување политики, но и за новинарите и истражувачите на одредени теми.
Прашањата се актуелни, а дел од нив се поставени по предлог од читателките и читателите на медиумската платформа на ЦИВИЛ. Тие прашања се поврзани и со темите на денот што ги обработува ЦивилМедиа и аналитичарите кои ексклузивно соработуваат со редакцијата.
На пример, на прашањето за предизвиците на почетокот на школската година, добивме предлог-прашање поврзано со пензиите. Имено, пензионерите често ги поддржуваат своите семејства, особено во периоди како што се почеток на школската година што е сериозно оптоварување на семејните буџети. Оттаму, еден пензионер беше заинтересиран што се случува со предизборното ветување за покачување на пензиите. Тоа прашање беше поставено веќе следниот ден.
Нова: ЦИВИЛ не мирува па натаму што, кога, каде, како, …?
Дерала: Наскоро ќе започнеме уште една активност во медиумски формат каде што граѓанките и граѓаните ќе имаат можност директно да учествуваат и да постигнуваат влијание врз политиките и практиките на локално и национално ниво.
Но да оставиме малку време, кога ќе почнеме, ќе кажеме нешто повеќе за тоа.