Поранешниот министер Прокопис Павлопулос е избран за нов претседател на Грција, јавија грчките медиуми. Грчкиот премиер Алексис Ципрас обезбеди доволно гласови во парламентот, неговиот кандидат да биде избран за нареден шеф на државата.
Тој ќе го наследи 85-годишниот Карлос Папуљас, чиј петгодишен мандат истекува во март.
Павлопулос од 2004 до 2009 година ја вршеше функцијата министер за внатрешни работи во владата на конзервативната партија Нова демократија.
Според очекувањата, Павлопулос беше изгласан во грчкиот парламент без поголеми проблеми откако коалицијата на левичарската Сириза и десничарската Партија на независни Грци во парламентот има 162 од вкупно 300 пратеници.
Грчката влада требаше во средата да го именува својот кандидат за претседател на државата, но тоа беше одложено поради синоќешните клучни разговори во Брисел за грчкиот долг со министрите за финансии на еврозоната, коишто не резултираат со договор.
Прокопис Павлопулос е искусен конзервативен политичар од моментално главната опозициска партија Нова демократија, правен експерт, професор и непоколеблив проевропски политичар.
Меѓутоа некои критичари од редовите на левицата го сметаат за неспоив со најавите на новата левичарска влада која се очекува радикално да го смени политичкиот живот.




