Тројца загинаа а најмалку десетина се повредени при екплозија во Харков за време на маршот посветен на годишнината од соборувањето на поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, јавуваат медиумите од светот.
Како што јавува Ројтерс, експлозивната направа била фрлена во толпата од автомобил во движење. Украинските безбедносни сили уапсиле неколку лица осомничени за нападот.
Во Харков, кој инаку не беше зафатен во борбените операции, последните месеци одекнуваат повеќе детонации, но досега без жртви.
Според украинското Министерство за надворешни работи, во сите случаи станува збор за „терористички акт“.
Претходно украинската агенција УНН јави дека акцијата на одбележувањето на годишнината почнала кај Спортската сала, со симболично пуштање балони за кои биле прикачени слики на Јанукович, на Владимир Путин и на градоначалникот на Харков Генадиј Кернес.




