Ваква е констатацијата на советниците од опозициската СДСМ во општина Василево, по денешната седница на која обелоденија низа неправилности од страна на локалните власти.
Советникот на СДСМ, Џоко Христов, истакна дека на местото на ветеринарната станица се изведуваат градежни зафати, а објектот бил продаден на приватна фирма која пак изведува градежни работи надвор од темелите на ветеринарната станица.
„Општински службеник ни кажа дека општината нема издадено градежна дозвола за тоа што се гради. На прашањето дали фирмата „Црвена ружа“ гради на диво, добивме одговор дека постапката треба да се стопира, што укажува на фактот дека имаме дивоградба“,вели Христов.
Од советничката група на СДСМ прашуваат дали постои некој друг субјект кој има издадено дозвола за градба.
Новоизбраниот претседател на Советот на општина Василево, Дејанчо Ефтимов, истакна дека надлежните органи и инспекторатот ќе си постапат и ќе донесат соодветно решение, бидејќи според него тие биле релевантни да дадат одговор на оваа прашање.
Советниците на СДСМ на почетокот на седницата инсистираа истата да не започне додека не дојде претставник од општинската администрација, со цел да одговори на нивните прашања. По неколку минути пауза беше договорено да се повика надлежно лице, а прашањата да бидат вметнати како последна дополнителна точка на дневниот ред.
Откако на седница пристигна Симона Шонтевска од општинската администрација, изјави дека општина Василево нема издадено градежна дозвола. Таа додаде дека во тек е управна постапка и дека во рок од 8 дена ќе се знае на кој начин се гради објектот. Од причина што општина Василево нема градежен инспектор, надлежностите ќе ги преземе државниот инспектор, истакна Шонтевска.
Во текот на седницата советникот Христов побара од директорката на ООУ „Гоце Делчев“, Емилија Котева, да каже колку пари влегуваат од користење на услугите од спортската сала во училиштето и за какви цели се користат истите. Тој додаде дека во неколку наврати бараат одговор, но до денеска се уште немаа добиено, но и дека постојат сомневања дека парите не одат на правилно место.
Директорката Котева побара да и остават извесно време да се подготви и рече дека ќе им биде писмено доставено на наредната седница, кога и ќе биде направена завршната сметка за што се искористени средствата.
Инаку, седницата на почетокот по исказите и барањата на советниците од СДСМ доби тензична атмосфера.