Францускиот европарламентарец Емерик Шопрад смета дека Париз направил историска грешка со признавањето на Косово како независна држава.
Шопрад неодамна во Европскиот парламент јавно зборуваше за страдањата на Србите на Косово, образложувајќи дека Косово никогаш нема да може да влезе во ЕУ затоа што било „легло на криминал и сноси одговорност за етничко чистење на Србите и другото неалбанско население“, пренесува Танјуг.
Според него, за време на случувањата во 1999 година, најмногу профитирале САД, бидејќи Србија е земја историски многу поблиска до Русија, а ЕУ ја следеле политиката на Америка.
– Разбивањето на Југославија имаше за цел да го ослаби српскиот народ во корист на другите нации. Зад правата на малцинствата се криеја стратешки интереси на Америка и Германија, изјави Шопрад.
Според него, поради специфичностите, сепак Косово и Метохија треба да бидат во состав на Србија.
– Албанците на Косово имаат мафијашка економија која ја одржуваат преку шверц, а лично се уверив во тоа пред неколку години. А тоа е многу опасно како за локалното население така и за ЕУ ако сака да го интегрира овој регион, вели европарламентарецот.



