Рускиот претседател Владимир Путин конечно се појави во јавноста, откако минатиот четврток ги откажа сите политички активности и средби и десет дена не се појави во јавноста. Путин денеска во Санкт Петербург се сретна со претседателот на Киргизија Алмазбек Атамбаје.
„Само што Владимир Владимирович (Путин) ме возеше, самиот управуваше, само за да има помалку трачеви“, изјави Атамбаев на почетокот од средбата. „Рускиот претседател не само што оди, туку и вози“, истакна киргистанскиот претседател додавајќи дека тоа им го кажува на новинарите за да стивнат разните гласини и шпекулации, пренесуваат западните медиуми.
Путин го слушал Атамбаев смешкајќи се, а потоа кусо додал: „Би било здодевно без трачеви “.
Двајцата челници ги започнале разговорите за унапредувањето на соработката меѓу Русија и Киргистан, во прв ред во сферите на трговијата и вложувањата, како и во културата и енергетиката.
Состанокот со киргистанскиот претседател Алмазабек Атамбаев е првиот јавен настан на кој Владимир Путин се појави по неговото повлекување од јавноста пред десет дена што предизвика разни шпекулации, во медиумите и на социјалните мрежи, од болест до смрт, а како што објавија некои медиуми, Путин се наоѓал во приватна болница во Швајцарија каде неговата партнерка му родила дете.




