Француските спасувачи утрово продолжија да ги бараат телата на 150-те жртви на пад на авионот на „Германвингс“ во француските Алпи, додека француската полиција смета дека мали се шансите падот да бил резултат на тероризам.
„Луфтханза“, авио-гигантот кој стои зад компанијата „Германвингс“, првично соопшти дека станува збор за несреќа. Авионот, Еирбас А320 вчера наутро летал на релацијата од Барселона, Шпанија до Дизелдроф, Германија кога во еден момент ја изгубил висината и удрил во Алпите при што загинаа 144 патници и шест членови на екипажот.
Францускиот весник „Ле монд“ опишува дека ударот бил толку силен што авионот бил раситнет на парчиња од конфети и затоа било многу тешко да се истражува несреќата. Странскиот печат се занимава со прашањата зошто авионот изгубил висина осум минути пред да се удри во Алпите и зошто тоа се случило и покрај фактот дека во вторникот наутро времето било идеално за летање.
Министерот за внатрешни работи Бернард Каснув за Француското радио изјави дека тероризмот не е меѓу првите причини на коишто се сомнева полицијата, меѓутоа тој не исклучи никаква можност.
Спасувачките екипи ја пронашле црната кутија, била оштетана меѓутоа се надеваат дека ќе може да ги извлечат потребните податоци. Идентитетот на патниците ќе се открие денеска и најголем дел од нив се Германци, меѓу кои и 16 средношколци кои биле во Барселона како дел од одредена програма за размена на ученици. Меѓу загинатите биле и двајца оперски пејачи коишто во Барселона изведувале опера на Вагнер, додека американските медиуми јавуваат дека најмалку двајца државјани на САД бил на авионот.
На овој лет имало патници и од Казакстан, Британија, Јапонија, Колумбија, Австралија, Холандија, Данска, Турција и од Израел.




