Дванаесет лица беа полесно повредени кога авион на Американ ерлајнс слета на меѓународниот аеродром во Денвер, Колорадо, и се запали, предизвикувајќи активирање на гумени тобогани за патниците да можат брзо да се евакуираат.
Летот од аеродромот Колорадо Спрингс до Далас Форт Ворт беше пренасочен кон Денвер и авионот безбедно слета синоќа околу 17:15 часот, откако екипажот пријавил вибрации на моторот, соопшти американската Федерална авијација (ФАА).
Додека авионот се движел кон гејтот, моторот на Боингот 737-800 се запалил, соопшти ФАА.
Сликите и видеата објавени во медиумите покажуваат како патници стојат на крилото на авионот додека чадот го обвива авионот.
Засега не е јасно кога точно се запалил авионот.
Сите 172 патници и шест членови на екипажот се однесени на терминалот, соопштија претставници на авиокомпанијата.
Пожарникарите го изгаснале пожарот во текот на вечерта, а ФАА ќе спроведе истрага.