Основачкото собрание на партијата која ќе се вика „Бандиќ Милан 365 – партија на работата и на солидарноста“ се одржа вчера во Загреб. За претседател на новиот политички субјект е избран градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ кој во моментов е во притвор во истражниот затвор Реметинец.
Во првото партиско соопштение е поместен и говор на самиот Бандиќ, во кој градоначалникот потсетува дека пет мандати бил на чело на хрватската метропола и дека по пет мандати работа го красат резултати кои, како што вели тој, биле неговата легитимација.
Партијата се залага за укинување на мерките за штедење, зајакнување на демократијата, подобрување на состојбата на сиромашните и повторно создавање на средната класа.
Милан Бандиќ се наоѓа во истражниот затвор поради обвинувања за неколку дела, меѓу кои и нелегално финасирање на изборите. Тој е поранешен влијателен член на владејачката партија Социјалдемократска партија (СДП) на премиерот Зоран Милановиќ, меѓутоа од 2009 година победува на локалните избори во Загреб како независен кандидат.




