Реформите на владата на најмладиот грчки премиер Алексис Ципрас денеска ќе бидат тема на вонредната седница на грчкиот Парламент на ниво на политички лидери, пишуваат грчките медиуми.
Листата од реформи која Владата ги усвои треба да биде претставена пред Еврогрупата, која ќе даде зелено светло за деблокирање на дел од траншата за Грција, додека земјата се соочува со проблеми со ликвидноста, наведува весникот „Катимерини“.
Опозицијата го обвинува кабинетот на Ципрас за начинот на кој ги води преговорите со европските партнери, додека критики има и за одбивањето на владејачката партија да го стави на гласање во Парламентот текстот за кредитниот договор.
Весникот „Вима“ одбележува дека планот со реформи е направен така што обезбедува повеќе приходи во државната каса. Особено планот кој веќе е претставен на институциите и се разгледува во Еврогрупата, а кој предвидува приходи во висина од 3 милијарди евра и кратење за 50 проценти на целите, поврзани со првичниот суфицит и раст.
Грција очекува Еврогрупата да заседава на 1 април и да излезе со решение за деблокирање на дел од траншата за Грција во висина од 7,2 милијарди евра. Станува збор за 1,8 милијарди евра од последната транша на европските партнери за Грција, 1,9 милијарди евра профит на ЕЦБ од грчки обврзници за 2014 година и 3,5 милијарди евра од заемот на ММФ, кои се уште не се исплатени.




