Горан Михајловски: Треба да изградиме два споменика како сеќавање на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која во пожар на 16 март загинаа 59-мина, речиси 200 млади луѓе се повредени, а некои од нив уште се борат за живот. Еден споменик со список на имињата на настраданите, меѓу кои и 6 деца. И друг споменик со список на сите законски процедури што биле прескокнати и со имињата на сите кои, дали со потпис, дали со нереагирање на очигледната незаконитост, придонеле овој објект повеќе од 12 години да работи како дискотека. Кога ќе застанеме пред тој споменик да ни текне дека корупцијата не е само давање мито, прескокнување на редот, богатење со кршење закони… Непригодно би било дури и да се каже дека тоа би бил споменик кој потсетува дека корупцијата убива. Не. Кочани не е несреќен случај. Тоа би бил споменик кој треба да нѐ потсети дека ова е систематско убиство со корупција што заврши со истребување на една цела генерација во еден град.