Левица утринава упати обвинување до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, односно дека неговиот татко во 2013 година бил осуден за измама на 8 лица заради примање мито при посредување за инвалидски пензии.
Во партиското соопштение стои дека таткото на министерот бил осуден на две години условна казна затоа што од оштетените лица противправно наплатил речиси 25.000 евра ветувајќи им дека ќе стекнат право на инвалидска пензија.
Односно, таткото на Тошковски безобзирно манипулирал со поединци кои очигледно во незавидна положба, биле принудени да плаќаат огромни суми за да се изборат против аномалиите на системот. Бидејќи министерот Тошковски и за време на претходната влада на Груевски бил дел од институциите на системот (преку министерството на Миле Јанакиевски), очигледно тоа што бил дел од власта било доволно за неговиот татко да прави матни зделки со инвалидските пензии.
Дополнително, потсетуваме дека Тошковски уште нема одговор за скандалот со апсењето на обезбедувањето на премиерот Мицкоски, односно нема никаква информација во јавноста кое е второто лице кое е уапсено. Ако се има во предвид дека лицето кое го обезбедувало Мицкоски било дел од Шестата управа, истото не можело да располага информации за криминални истраги.
Тошковски упорно одбива да даде одговор од каде обезбедувањето на Мицкоски имало информации за криминални истраги и од кој ги добил тие информации?!, велат од Левица.