Зоран Иванов
По правило, во своите објави, новинарството не треба да се вади на прашалници туку треба да дава одговори.
Овојпат правам исклучок за да прашам како во насловот:
Има ли родители меѓу мажите и жените во власта?
Има ли Татковци и има ли Мајки?
И ставам многу прашалници – ???
Навистина, има ли?
И пак прашувам:
Има ли Мајки и Татковци во функционерските редови и како совесно си ги клатнуваат образите на своите ноќни пердувести перници?
Заспиваат ли?
Ако спијат така фино, длабоко и мирно, помислуваат ли во меѓусовеста, помислуваат ли барем на миг за тоа како не спијат, како не заспиваат, како не можат да заспијат кочанските Мајки?
Како и зошто Мајките во Кочани не можат и не сакаат да заспијат?
Оттаму пак прашање дали тие таму, тие таму надлежните, разговараат ли на темата?
Разговараат ли меѓусебе бар нешто за Кочани? Барем нешто приватно, онака родителски?
И онака, домаќински?
Му велат ли некому од своите да си замине.
Морално макар?
За образот на партијата барем?
За совест општествена, на пример?
Поради тоа само?
Или уште важи – само ако партијата каже?
Дотогаш, дотогаш ќе си молчат ли и ќе си премолчуваат ли меѓусебе?
Ќе си молчат и ќе си премолчуваат онака, игнорантски како во Кочани да нема Мајки.
И татковци како да нема.
Имам уште многу прашања но, … но останувам без зборови.
Денеска, на дождливиот кочански плоштад ме замолкнаа кочанските Мајки.
Ме замолкна, посебно ме молкна мајката на едно од загинатите наши кочански деца:
“Сите вие кои сте одговорни за системот во државата, кои мудро ја одбегнувате одговорноста за најголемата трагедија во европски рамки што се случи во Кочани, ние родителите на починатите деца, би сакале барем за миг да бидете во наша кожа и да можете да ја почувствувате раскинувачката болка која ние ја чувствуваме.
Можеби тогаш ќе ја сфатите сериозноста на болната ситуација во која се наоѓаме.
Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници на монструмот ако убиените деца, беа ваши деца”?
Мајката ве праша и чека одговор.
Мајките ве прашаа!
Ново прашање јас немам.
Немам.
Беспредметно би било па, па го повторувам тоа од насловот на овој lu-ping.