Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на тркалезната маса насловена како: „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“, организирана од Уставниот суд и ЕУ.
Во воведниот дел на тркалезната маса говореа претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, амбасадорот на ЕУ, Михаил Рокас, амбасадорката на Германија, Петра Дреклер и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Наодите од анализата за тоа дали има или не потреба од донесување Закон за Уставен суд беа презентирани од проектниот тим, составен од Карстен Манке, раководител и Мартин Сопранов и Маргарита Цаца Николовска, правни експерти. Проектот е финансиран од Европската Унија.
Свои ставови презентираа судијките Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павлова Данева, како и универзитетските професори по уставно право: Рената Десковска- Тренеска, Тања Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари и Денис Прешова.
Присутните го слушнаа и мислењето на невладиниот сектор, односно на претставниците на „Сите за правично судење” и „Млади правници”.
Според претседателката, прашањето: „Дали е потребна реформа на македонското уставното судство?“ е вистинското прашање. Истакнувајќи дека Уставниот суд е најнереформираната институција, со оглед на неколкуте неуспешни обиди за уставни измени, претседателката укажа на неодржливоста на сегашното правно решение и упати на препораките на Венецијанската комисија за донесување Закон за Уставниот суд. Таа констатираше дека нашиот Уставен суд не успеа да прерасне во четврта власт, коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните.
Значи, за мене прашањето е одамна решено, уште во далечната 2005 година кога се постави прашањето дали заедно со судските реформи, уставни, треба да посегнеме и по реформа на уставното судство. И меѓу нас, на кои им е живот правото, па и уставното судство имаше неподелен став, ги гледам тука двете мои колешки кои беа оние кои ја изработија работната верзија на промените, сум разговарала со нив, знам дека и тогаш им беше ставот дека се потребни. Интересно, но мислам дека отпорот оттогаш, па низа потоа години доаѓаше од самата институција. И мене тоа ми беше неразбирливо бидејќи очекував иницијативата за промени да дојде од куќата на Уставниот суд, ама таа не доаѓаше. Значи, ако тргнеме од анализата на улогата на Уставниот суд во демократизацијата, ќе заклучиме дека имало светли мигови меѓутоа, факт е дека Уставниот суд не ја одигра можната улога каква што одиграа многу уставни судови и во земјите со развиена демократија, Уставниот суд на Германија или Уставниот совет на Франција, како власт што е надвор од редовното судство, како четврта власт, како своевиден креатор на уставната демократија и затоа потоа во многу трудови, докторати, расправи ние ја истакнувавме оваа дилема, па дури мислам дека и на ниво на Европската Унија тезата дека па не во сите земји има уставни судови, па во поглавјето 23 нема анализа или нема посветеност на уставното судство, исто така, не држи, рече претседателката.
Според Сиљановска – Давкова, Македонија има долга традиција на уставно судство, но Уставниот суд е сè уште една од најнереформираните институции. Потребна е суштинска реформа – со проширување на надлежностите, подобра заштита на човековите права, регулирање на односот со меѓународните договори, отстранување на автентичното толкување од Собранието и зајакнување на независноста. За тоа, потребни се измени во Уставот, не само закон. Реформите треба да се водат од домашна демократска потреба, а не само од барањата на ЕУ. Потребен ни е стандардизиран, а не „оригинален“ пристап, и конечно да се стави крај на партизацијата на судот.