Зоран Иванов
На шала, на смеа, ама, како тргнало, Таравари, планирано, непланирано, во договор со ДУИ или без договор со ДУИ, од облаци го спушта Мицкоски на земја.
Е сега, прашањето е дали приземјувањето ќе биде, како што се вели, меко, безболно, или ќе биде тоа треснување силно, жестоко и политички трауматично.
Во секој случај, какво и` да биде, ќе биде тоа отрезнување од сласта власт.
Од препотентноста, самоувереноста и самобендисаноста. За Мицкоски.
Од неговата ароганција креирана од изборниот скор на ланските парламентарни.
Од тоа дека човекот веќе не е човек туку дека е монах на оваа мала и сиромашна Македонија.
Мицкоски, за оваа една година, од неговиот лански триумфален мај до овој мај сега, се утна за една, две работи.
Првата, дека од преголемата изборна победничка еуфорија, не ја разбра онаа традиционалната според која кој високо лета, ниско паѓа па, во меѓувреме, се измангупира со сите.
Со Албанците овде и со Европејците надвор.
Се испочатали со бесполезен популизам, со некаков етнички национализам и сето во името на некаква гордост на најбогатата партија која владее со најсиромашната држава.
Тоа. И сега се насетува наплатата.
За него, за премиерот, политичка.
За нас граѓаните, социјална.
Ќе си ја кркаме гордоста негова.
А тој, тој како и претходните негови, тендерски ќе си се извлече.
И, втората, ова сега со Таравари.
Човекот доктор и политичар покажа дека умее да кидне кога навидум е најрано ама и кога, изгледа, политички е и најполезно.
Да кидне од премиеровиот популизам и од неговиот квази патриотизам,.
Но, и да си се врати во својот изборно безбеден етно национализам.
Па, што и да е, каков и да е новиот плурален политички амбиент во пресрет на октомвриските локални, колку Мицкоски и неговите и натаму да глумат сигурност и ароганција, Таравари со ДУИ им ги замрси плановите.
Кај гласачите од т.н. албански електорат, им го маргинализира ВЛЕН и им го реафирмира ДУИ.
Но, тоа е. Политика.
Пак се покажува дека во таа дејност, активност, професија, што и да е, политички егзистираат пресметливите, а мудри и дека политички банкротираат препотентните, а глупави.