Зоран Иванов
Данела, градоначелничката актуелна на Скопје, не на Чешеиново или на Желино ниту пак на Новаци. Туку токму на Скопје.
На метрополата, нели.
Жената, градоначалник. Сакале, не сакале, жената субјект институција деновиве преплави со обвиненија за тешки криминали.
Вели имала докази. Дека поседува куп пишани документи за криминалите за кои толку посветено се огласува.
Тврди дека во нив врие од докази за очигледни криминали. За крупни урабано политички криминали.
Уште и дека е под закана по живот поради јавните настапи во кои упатува на криминалите за кои на надлежните им ги нуди доказите. Докази за кои тврди дека се необорливи. И дека, на што е сведок и целата македонска јавност, надлежните упорно не реагираат. Дека си молчат и си се прават на триипол.
Ова го тврди не било кој туку една цела државна уставна институција каква што е градоначалник. Градоначалничката на Скопје која токму оваа сега молчелива власт, ова ДПМНЕ, изборно ни ја понуди за таа престижна функција. И за која, токму ова ДПМНЕ, ги убеди граѓаните да ја гласаат и да ја изгласаат.
И еве сега, токму таа, Данела, која за градоначалничка може е и недорасната, можеби, како што ја обвинуваат и да одработува за ДУИ за да му го земат Чаир на ВЛЕН, можеби сета галама околу криминалните дивоградби и да се само нејзин хир, само нејзина инаетлива одмазда за неуспешната кохабитација со ВМРО-ДПМНЕ. Дури можеби е само нејзина оригинална пи ар промоција за некои нејзини идни почитички амбиции.
Може да е се` од тоа и може да е ништо од тоа. Може да е само уште една овдешна неславна политикантска епизода, но може, како што и се насетува, сепак да е тежок криминал во кој се заплеткани функционери и цели општински и државни институции. Криминал во кој сега се препелкаат цел куп надлежни инстуции и моќници.
Оттука, сега, најважното е дали наместо молкот на државата и на партијата, овие нејзини навидум хировити анти чаирски активности, ќе легнат врз истражните и врз правосудните институции кои треба бргу и ефикасно на јавноста македонска да и протолкуваат што е што од тврдењата на Данела.
Важното е само тоа. Важна е вистината која може да е таква каква што ја пријавува Данела, а може и да е само злобна суетна политичка враќка.
И, секако, важното е што една висока државна институција каква што е градоначалник, што една персона и функционерски надлежна, посочува на крупни криминли општински, градски и државни. И што за нив, за криминалите, нуди, како што во јавноста тврди, валидни писмени и институционално, со потпис и со печат, заверени докази. Конкретно, докази за криминалите на политичкко урбаната општинска и државна мафија.
И важното е што за ова заудара молкот на власта. Што заудара инертноста на надлежните што под свое сега ги има ВМРО-ДПМНЕ. Што молчи владејачката ДПМНЕ на која таа, Данела, и` беше нејзиниот изборен избор. Што молчи истата оваа ДПМНЕ што си ја откачи својата Данела која, веројатно, не и’ играше според нејзиниот партискиот бизнис ќеиф. А, нели, „и брат да ми е, ќе си лежи”.
Е ајде де, нека си лежи.
Или тоа, сепак, важело само за брат биолошки. И, сепак, не важело за братот партиски и за братот коалициски. Лежењето за таквите, не важело.
Данела одамна не и им е брат. Ни сестра, исто одамна, не им е. Ниту пак посестрима им е веќе.
А силно не` убедуваа дека им е но, еве, и тоа веќе нека е неважно. Што сега и’ да им е, или што и да не им е, таа, жената градоначалничка, и функционерски и процедурално и правно, им стаса ante portas.
Им стаса и пред полицииите и пред обвинителствата. И, уште молк.
Овде долу молк. Но, ако нема кој друг, да видиме, можеби будилникот пак ќе е Калето.
Можеби, наместо нашите партиски врзани институции и наместо нашите послушни партиски функционери и наместо нашите партиски заробени чиновници, на темата за која веќе со денови галами скопската градоначалничка, пак тоа, Калето, ќе е совеста наша анти корупциска и совеста наша анти криминална.
Но можеби и тоа задремало. Во последно време и тоа како да е нешто молчеливо.
Но, можеби, е само дремливо. Можеби деновиве веќе и подѕирнува што тоа овде долу со Данела и со Чаир се случува па …
Па, па не знам. Видете си. Вие си знаете.