Санчез од групата на социјалдемократите порача дека извештајот е одличен и дека жали за гадната, полна со обвинувања и со инсинуации кампања, која што не е нормална за ЕП и дека била креирана само за да се добие одлагање на извештајот. Тој побара да не се создава преседан така што ќе се овозможи надворешни фактори да создаваат ситуации во ЕП, мислејки на Бугарија.
Жанета Ќосе
АФЕТ, Комитетот за надворешни работи на ЕП, на барање на известувачот Томас Вајц го одложи гласањето по амандманите на Извештајот за РСМ за 24 јуни 2025. Како што образложи Вајц барањето произлегло од гласните реакции на бугарските пратеници за премалку дадениот простор во неговиот лоби регистер, за да им овозможи нови „лоби“ средби до 24 јуни. Забелешките се однесуваа на Ивајло Валчев од Има таков народ и на пратеникот од бугарската националистичка партија Преродба, Станислав Стојанов, кои зедоа збор.
Валчев им се заблагодари на колегите за оваа многу мудра, навремена и одговорна одлука, и како што потенцира, немал што да внесе во регистарот за лобирање бидејќи не бил во контакт со лобисти.
„Ова е многу соодветна идеја и го повикувам господинот Вајц да продолжи со својата мудрост. Во меѓувреме, повторно ги повикувам “сенките” на состанок за да се позанимаваме со преостанатите нерешени прашања“.
Стојанов рече дека процедуралното барање на Вајц било прашање на здрав разум и побара истрага во ЕП околу „нерегуларностите“ што ги откриле околу пишувањето на извештајот.
„Верувам дека во меѓувреме, извршниот орган на овој Парламент ќе направи сè што е потребно за да ги испита неправилностите што беа откриени при изработката на овие извештаи“.
По изгласувањето без никави проблеми на извештаите за БиХ и Албанија, Дејвид Мекалистер, претседавач на Комитетот АФЕТ и европратеник на германската ЦДУ, го повика известувачот за РСМ австрискиот пратеник од Зелените Томас Вајц. Тој истакна дека околу овој извештај имаше доста интензивни политички дебати: „Сакам да кажам дека целосно стојам зад мојот извештај. Сите политички групи учествуваа во преговорите и во формирањето на компромисите. Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија за состојбата со пристапувањето на земјата – Северна Македонија. Овој извештај не е наменет да решава билатерални прашања помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека и билатералните односи, како и владеењето на правото, третманот на малцинствата и слично, се европски прашања. Сепак, би сакал да побарам одложување на гласањето за овој извештај до 24 јуни. Сакам ова одложување да им овозможи на моите колеги – особено од групите ЕЦР и ЕСН – да ги ажурираат своите регистри за лобирање“. Вајц посочи дека колегата Валчев објавил дека имал само три средби со лобисти во текот на целиот мандат: „Знам дека понекогаш сме преоптоварени со работа, но сакам да ви дадам можност да го ажурирате вашиот регистар. Се надевам дека сите ќе гласате за овој извештај на 24 јуни“.
Прв за збор се јави шпанскиот европратеник Начо Санчез Амор кој изрази поддршка за предлогот на Вајц и истовремено ја осуди кампањата на која беше изложен, што за него е неприфатливо и не треба да се повтори. Санчез реагираше на барањето на колегата Вајтс, го поддржа одложувањето предложено од страна на известувачот:
„Од име на мојата група, сакам да изразам благодарност до преговарачите за постигнување на одличен резултат – спротивно на она што се случи претходно“.
Санчез од групата на социјалдемократите порача дека извештајот е одличен и дека жали за гадната, полна со обвинувања и со инсинуации кампања, која што не е нормална за ЕП и дека била креирана само за да се добие одлагање на извештајот. Тој побара да не се создава преседан така што ќе се овозможи надворешни фактори да создаваат ситуации во ЕП, мислејки на Бугарија.
„Во многу случаи, ги поддржуваме или дури и ги прифаќаме критиките и изразите на загриженост од другите групи. Не е потребно да се обвинува некој кога се бара едно обично нешто – како што е одложување. Искрено жалиме за јазикот и инсинуациите насочени кон известувачите или кој било друг преговарач. Да бидеме претпазливи и да не создадеме преседани каде што надворешни спорови се мешаат и создаваат ситуации во рамките на Парламентот. Да го заштитиме нашиот процес од вакви влијанија“, забележа Санчез.