Само неколку дена по најавите за можна пресвртница во американско-руските односи, Белата куќа неочекувано ја откажа планираната средба со Москва за нормализирање на работата на дипломатските мисии. Одлуката доаѓа во период на зголемена глобална несигурност, а аналитичарите шпекулираат дека станува збор за или внатрешнополитичка калкулација во САД – или нова порака до Кремљ дека ништо не е договорено додека не е јавно потпишано. Во меѓувреме, прашањето останува: дали Вашингтон сака дијалог или само политичка предност?
Инаку, средбата требаше да биде дел од зближувањето меѓу Москва и Вашингтон, што почна пред неколку месеци.
– Претстојната средба беше откажана на иницијатива на американските преговарачи. Се надеваме дека паузата нема да биде предолга – изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, без да ги наведе причините за откажувањето на средбата.
Разговорите се одржуваат по неколкугодишно меѓусебно прогласување на дипломатите за „персона нон грата“ и попречување на работата на соодветните амбасади во услови на екстремни тензии, особено поврзани со конфликтот во Украина.
Сепак, темпото на разговори меѓу Русите и Американците е забавено во изминатите недели.
Има многу пречки во билатералните односи и тешко можеме да очекуваме брзи резултати, наведе портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потенцирајќи дека „ќе продолжи напорната работа“.
Покрај тешкото украинско прашање, Русите и Американците сакаат да разговараат и за повеќе глобални прашања како што се нивните економски односи, безбедносната архитектура во Европа и контролата на оружјето.