Петмина се убиени во Јоханесбург при неколкунеделните ксенофобични напади во Јужна Африка, соопштија денеска јужноафриканските власти.
При протестите синоќа, полицијата морала да постави силна заштита за да ги обезбедува продавниците на странците, кои работат и живеат во оваа земја на југот од Африка, бидејќи демонстранти ги напаѓале и уништувале продавниците на странците.
Демонстрациите продолжија и денеска, кога полицијата употребила гумени куршуми, за да ги растера демонстрантите, меѓу кои најнасилните биле вооружени со мачети.
Странските имигранти, во најголем број од Африка, како и од Азија, почнаа да доаѓаат во потрага по работа и подобар живот по соборувањето на апартхејдот во 1994 година.
Во Јужна Африка невработеноста оваа година достигна 24 отсто, а многумина Јужноафриканци веруваат дека странците им ја одземаат работата и бараат тие да се вратат во своите земји.
Во Дурбан вчера се одржа антиксенофобичен протест на кои беше осуден прогонот на странците, а претседателот Џејкоб Зума се огласи со остра осуда на ксенофобијата.




