Адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски во случајот за убиствата на Вања и Панче, побара судот да донесе ослободителна пресуда, посочувајќи дека обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент.
Сметам дека овде имавме целосно неподготвен и непотполн предмет без релевантни докази. Од тие причини, најмногу поради фактот што по Устав и закон нашата држава која денес се вика Република Северна Македонија е правна држава, судот во изреката на оваа пресуда треба да се води од темелните начела на правната наука и да донесе ослободителна пресуда, рече Манев.
Тој потенцираше дека обвинителство и со ниту еден доказ не го докажало учеството на Видевски во кривично правните настани.
Барам ослободителна пресуда за обвинетиот Боре Видевски бидејќи обвинителството буквално со ништо не го докажа неговото учество во кривично правните настани, најмногу затоа што тој во ниту еден случај не учествувал во вакви монструозни работи, затоа што е човек со морален интегритет и затоа што нема никаква врска со овие убиства, туку сам по себе е жртва на овој систем, на оваа буквална монтировка, на која ќе ѝ дојде крајот со изрекувањето на пресудата, дополни адвокатот.
Според него, правецот по кој што е водена истрагата за овие кривично правни настани е целосно погрешен.
Погрешна е и намерата да се осудат овие луѓе уште на самиот старт на процесот, со примена на мерки кои не се карактеристични за овој политички систем — мерки кои не можат во ниту еден случај да ја утврдат вистината за случувањата, рече Манев.
Тој ја нагласи единствената поврзаност на Видевски со останатите обвинет, а тоа, како што кажа, е заедничкото членство во политичката партија ДЕСНА и неговата политичка активност преку таа политичка партија. Во својот говор, Манев го опиша Видевски како „татко на две деца, бил тренер по карате и многу деца изнел на вистинскиот пат“. Манев ја нападна и валидноста на признанијата, за кои рече дека се изнудени.
Сите признанија се изнудени, на идентични текстови на записниците, што значи дека записниците се однапред подготвени. Зошто е ова направено? Само затоа што во тој момент полицијата и обвинителството сѐ уште немаат ништо, рече тој, дополнувајќи дека од моментот кога признанието е изнудено, полицијата продолжува со тортурата која трае физички.
Забележа на тоа што обвинителството не го пријавило доказот за присуство на работа на обвинетиот Видевски во критичните моменти и направи детална анализа на обвинението и доказната постапка, според која, како што рече, не постојат докази кои го потврдуваат учеството на Видевски во настаните , а исказите на останатите обвинети рече дека не можат да бидат третирани како докази поради нивната конфузност.