Македонската репрезентација запиша значаен успех на Европското првенство во е-спорт 2025, кое се одржа од 9 до 13 јули во Приштина, Косово, со учество на 24 национални тимови во трите дисциплини: Dota 2, Counter-Strike 2 Open и Counter-Strike 2 Women, информираа од Македонската е-спорт федерација.
Од таму дополнуваат дека највпечатлив резултат постигна Dota 2 селекцијата на Македонија, која ја освои титулата европски првак, победувајќи ја Белорусија во финалето со резултат 2:1.
Нашите претставници ја минаа групната фаза без ниту еден пораз и обезбедија директен пласман во полуфиналето. Во големото финале уште еднаш ја потврдија својата супериорност, носејќи го златниот медал во земјата.
Значаен настап забележа и македонската репрезентација во Counter-Strike 2, која во силна конкуренција успеа да се пласира меѓу топ-12 репрезентации на турнирот, завршувајќи на позиција 9-12 место. Овој пласман претставува дополнителна потврда за квалитетот и потенцијалот на македонските е-спорт играчи и нивната конкурентност на европската сцена, се вели во соопштението.
Македонската е-спорт федерација упати искрени честитки до сите репрезентативци кои со својот ангажман, посветеност и спортски дух ја претставија Македонија на овој реномиран турнир.
Настапот на ова Европско првенство претставува важен чекор за понатамошниот развој и афирмација на е-спортот во Македонија, посочуваат од федерацијата.