Земјите членки на ЕУ ќе вратат назад 150.000 имигранти и бегалци, кои преку Либија се префрлаат во земјите од Европа.
Ова бил првичниот договор на денешниот вонреден Самит во Брисел, посветен на големиот наплив од илегални имигранти од Африка и Блискиот Исток.
Како што пишува британски „Гардијан“, минатата година околу 150.000 имигранти користејќи ја „медитеранската траса“ дошле до италијанскиот брег, а во првите три месеци оваа година, повеќе од 36.000 илегалци се префрлени до бреговите на Италија, Малта и Грција.
Илегалците ќе бидат вратени назад врз основа на европските прописи за нерегулано и илегално влегување на територијата на ЕУ.
Земјите од ЕУ планираат да преземат одлучни мерки за ставање ред во Либија, која по насилното соборување на Гадафи, се уште нема стабилна влада и власт врз целата територија на земјата.
А Обединетите нации и Меѓународната организација за миграција ја повикаа Европската унија итно да преземе мерки за покренување спасувачки акции за мигрантите на море и да се обврзе дека ќе прифати значително поголем број бегалци.
– Одговорот на Европската унија треба да биде значително поголем отколку сегашниот минималистички пристап, кој првенствено е насочен кон сузбивање на доаѓањето на имигранти и бегалци на нејзините брегови, се вели во заедничката изјава на високиот комесар на ОН за човекови права, Зеит Раад Ал Хусеин, комесарот на Светската организација за бегалци, Антонио Гутереш, специјалниот пратеник на ОН за имиграција, Петер Сатерленд и претседателот на Меѓународната организација за миграција Вилијам Лејси Свинг.




