Средношколците ги поставија шаторите за кампување во Паркот на новинарите, наспроти министерството за образование во Скопје. Почнувајќи од денеска, тие 24 часа дневно ќе престојуваат тука и ќе се најавуваат кај ресорниот министер Абдулаќим Адеми да ги прими на разговор.
Ваквиот фронт доаѓа откако средношколците веќе четири недели ја бојкотираат наставата, а министерот Адеми иако вети уште на почетокот на бојкотот дека ќе ги прими на средба, се до денеска тој се уште не го исполнил ветувањето.
-Овдека сме 24 часа за да им дадеме до знаење на надлежните институции дека не можат толку лесно да се откажат од средбата која треба да се одржи.Се обидуваме да стапиме во контакт веќе 2 месеца, повеќе од 10 дена вртиме нон стоп, ќе продолжиме до тоа, ќе се најавуваме секој ден изјави пред кампот средношколецот Александар Милевски, член на Средношколскиот Пленум.
Бојкотот паралелно тече и во училиштата. Учениците се присутни во холовите во текот на нивната смена, но не ја одржуваат формалната настава, а веднаш по завршувањето на нивната смена тие ќе се упатат кон кампот на своите соученици. Велат дека никој не може да ги спречи бидејќи се полнолетни, но ја имаат и поддршката и од родителите.
-Не поддржуваат и родителите од дома и мили се што малце сме поттикнати, бидејќи ја сможам да го искажам своето мислење. Ние вака имаме интеракција, излегуваме надвор, без никаков страв и без никаков срам, изјави ученик кој инсистираше на анонимност.
Сепак, кај средношколците присутен е стравот од можните законски санкции што поради отсуство од формалната настава тие може да го изгубат правото да полагаат државна матура, односно да го завршат средното образование само со училишна матура.
-Стравот е присутен кај сите матуранти, меѓутоа размислуваме дека ова е можеби вредно, бидејќи ние се бориме за нешто поголемо и сакаме да останеме цврсто на ставот дека ќе продолжиме со ова што го правиме без разликa на сите притисоци и заканите дека ние нема да полагаме матура, изјави Мартина Бошковска од Средношколскиот пленум.
До сега според статистиката на Пленумот, над 18.000 средношколци ја бојкотираат наставата ширум Македонија. Тие бараат средба со министерот Адеми, која тој им ја вети, а по која очекуваат да ги повлече измените во концептот за полагање државна матура.
Нивните барања се враќање на стариот концепт на полагање на државна матура. Законот за екстерното тестирање да биде ставен во мирување и електронското полагање на државна матура да се укине.
Скопските средношколци ги повикаа сите родители, професори, наставници, студенти и сите граѓани да дојдат во што поголем број во Паркот на новинарите да им изразат поддршка со присуство, но и со донации од храна и пијалоци која ќе им биде потребна во текот на кампувањето.




