Според Секретаријатот на Европската енергетска заедница, одлуката на Македонија да се одложи целосното отворање на пазарот на електрична енергија, ги потенцира другите проблеми на земјата – растечката политизација во државните институции и драматично нарушената политичка состојба.
– Тоа што ние го сведочиме е растечка изолација на земјата од Меѓународната заедница. Бараме земјата во рок од два месеци да започне со процесот на либерализација на пазарот со електрична енергија, пишува во Мислењето на Секретаријатот на ЕЕЗ.
Секретаријатот дополнува дека аргументот на владата во Македонија дека либерализцијата ќе донесе поскапување на струјата, и дека со тоа постои можност од потенцијални “ценовни шокови“, е аргумент наменет за заштита на ликвидноста на актуелниот монопол, отколку заштита на граѓаните од “ценовните шокови”.
– Одлуката на Македонија да се одложи целосното отворање на пазарот на електрична енергија, и со тоа да им се забрани на потрошувачите да го избираат својот снабдувач е уште едно одбивање на актуелната власт да ги прифатат обврските на земјата во рамките на Договорот за енергетска заедница и следствено на тоа, на законодавството на ЕУ. Овој тренд станува се повидлив и се манифестира преку неколку отворени прекршувања на прописите на Енергетската заедница, вклучувајќи го и непочитувањето на Вториот и Третиот енергетски пакет за правилата во секторот на природен гас при соработката со руските партнери. Актуелните проблеми во енергетскиот сектор ги потенцираат другите проблеми на земјата – растечката политизација во државните институции и драматично нарушената политичка состојба. Тоа што ние го сведочиме е растечка изолација на земјата од Меѓународната заедница, се вели во соопштението на Секретаријатот.
Според нив, измените на Законот за енергетика во земјата донесен во октомври 2014 година ги лиши малите бизниси и сите домаќинства од нивното право сами да изберат од кого да купуваат електрична енергија со што ги обврзува да продолжат со купување на електрична енергија од актуелниот монопол.
– Либерализиран пазар на електрична енергија е од суштинско значење за постигнување на целите на внатрешниот пазар на енергија. Бараме од земјата либерализацијата да почне да се спроведува во рок од два месеца, стои во соопштението на Секретаријатот на ЕЕЗ.