Парламентот во Грција усвои Закон за обновување на работата на државната корпорација за радио и телевизија ЕРТ, која на скандалозен начин беше затворена во 2013 година. Тогаш затворањето на ЕРТ предизвика шок во земјата и остри критики од странство.
Компанијата беше затворена со одлука на поранешниот премиер Андонис Самарас. Властите оваа своја мерка ја образложија со загубите и трошоците на ЕРТ, но според опозицијата најважната причина беше независниот карактер на медиумот.
Законот беше изгласан синоќа и тоа главно од мнозинството на владеачката коалиција на радикалната левица и партијата „Независни Грци“. Социјалистите од „Пасок“ и претставниците на центристичката партијата „Потами“ гласаа само на некои точки од законот, а главната десничарска опозициска партија „Нова демократија“ гласаше против.
Законот предвидува повторно вработување на 1.550 поранешни вработени во ЕРТ. Пред нејзиното затворање во ЕРТ работеа над 2.600 вработени, но дел од нив се пензионира. Според грчкиот печат, новата ЕРТ ќе вработува 2.300 лица.




