Најмалку 69 илјади Бугари на возраст од 15 до 64 години користеле хероин во 2024 година. Ова го објави Министерството за внатрешни работи (МВР) на Бугарија на „Фејсбук“ повикувајќи се на податоци од Националното истражување SOVA 5, објавено кон крајот на мај од Националниот фокусен центар за дроги и зависност од дрога.
Ако се земе предвид дека според проценките на Светската банка во Бугарија вкупно живеат околу четири милиони луѓе кои се на возраст од 15 до 64 години, ова значи дека во просек секој 57-ми Бугарин од оваа старосна група лани користел хероин.
Над 868 килограми од тешката дрога биле запленети од бугарската полиција и царина минатата година.
Потеклото на хероинот е главно од Азија, а над 85% од количествата кои завршуваат во Бугарија доаѓаат од Авганистан. Годишната заработка на криминалниот синџир поврзан со продажба на хероин во земјата надминува 65 милијарди долари, додаде Министерството за внатрешни работи.