Атина: Архитектонска и енергетска надградба на постоечките објекти и инфраструктура, сообраќајна надградба на патната мрежа преку прераспоредување на активностите, како и обезбедување на потребните услови за значително подобрување на услугите за пасошката, царинската, фитосанитарната и ветеринарната контрола, предвидува проектот „Надградба на граничниот премин Евзони – Килкис“ на Министерството за внатрешни работи на Грција.
Согласно одлуката на надлежниот министер Теодорос Ливаниос, објавена вчера, проектот за надградба на граничниот премин кон нашата земја од грчка страна вклучен во „Програмата за јавно-инвестициски проекти на Министерството за внатрешни работи за периодот 2021 – 2025“, е во висина од 24,6 милиони евра, а има за цел „да го олесни прекуграничното движење и трговија, да ја зголеми ефикасноста на граничните контроли, да го намали времето на чекање за патници и возила, да ја зголеми соработката на земјата со С. Македонија, а со тоа да придонесе за зајакнување и подобрување на добрососедските односи“.