До моментов, според податоците со кои располагаат властите во Непал, 5.489 луѓе загинале во силниот земјотрес минатата недела, а речиси 10.000 луѓе се повредени. Потрагата по загинати и натаму е во тек.
Секундарните потреси во епицентарот на земјотресот продолжуваат, до сега се регистрирани повеќе од 102 потреси со јачина над 4 степени според Рихтеровата скала.
Спасувачките операции во земјата продолжуваат, но се попречени поради поројните дождови во дел од земјата.
Властите досега спасиле околу 210 странци и локални цивили, блокирани во област северно од непалската престолнина. Втор француски авион со 20 тони хуманитарна помош и сто професионалци од тимот спасувачи пристигна во Катманду.
Главна пречка на спасувачките операции се непроодните патишта, оштетени од лизгањето на земјиштето и пукнатини, кои го отежнуваат остварувањето до оддалечените области.
Досега околу половина милион луѓе го напуштиле Катманду, поради загриженоста од повторни потреси и појава на епидемии. Протестите на граѓаните продолжуваат поради бавното темпо со кое им се пружа помош на настраданите. ОН повика да се собере помош за Непал во износ од 415 милиони долари во наредните месеци, ако сакаат да помогнат со обезбедување на засолништа, храна и вода.




