Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски потпиша договор со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Гроот, кој е во работна посета на нашата земја.
Договорот претставува важна пресвртница во зајакнувањето на поддршката за економскиот раст и интеграцијата на земјата во Европската унија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Од независноста до денес, ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата – инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги.
Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Скопје ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и поголем пристап до техничка и финансиска поддршка што ја нудат европските институции.
Како кредиторски огранок на Европската унија, ЕИБ игра клучна улога во претворањето на европската посветеност кон интеграцијата на Северна Македонија во конкретни проекти, изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михаил Рокас.




