Протестот ќе почне во 17 часот пред Сојузот на синдикати, продолжува пред Собранието, па пред Стопанската комора и завршува пред Владата.
В среда, на 28 јануари, во 17 часот почнува работничкиот протест за повисоки плати, најави Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати по одржаната средба на највисоките тела на Синдикатот.
Трендафилов ги повика работниците на масовност, затоа што, како што кажа, ако не излезат, тогаш се согласуваат со ниските плати што ги примаат. Барањето на ССМ е зголемување на минималната плата на 600 евра, но раст и на сите други плати за онолку колку што би се зголемила минималната плата од сегашните 24.379 денари.
Го повикуваме сите работници што не знаат како да го врзат крајот со крајот да ни се придружат. Од 540.000 работници, 33 проценти, или околу 200 илјади работници, се под прагот на сиромаштијата што во Македонија е 31.200 денари. Значи, одат на работа, а се сиромашни! На работниците не им е потребно зголемување на платата од 25 евра, како што четири месеци се фалат функционерите во однос на законското усогласување, и тоа за со мартовската плата, а не сега, вели Трендафилов.
Тој рече дека додека не се прифаќа зголемувањето на минималната плата од страна на Владата, функционерските плати ќе се зголемат за 200 до 300 евра, затоа што сега се од 90.000 денари до 180.000 денари.
Протестот ќе почне пред Сојузот на синдикати, продолжува пред Собранието, па пред Стопанската комора и завршува пред Владата.
Протестот како и секогаш почнува пред Работничкиот дом. Ќе го изразиме револтот пред пратениците што повеќе од една година ги чуваат предлогот на Сојузот на синдикатите во фиока, а сведоци сме дека се менуваат закони за работничките права на брза лента, со европско знаменце. Ќе побараме тоа да го сторат веднаш и за зголемување на работничките плати преку зголемувањето на минималната плата. Продолжуваме пред Стопанската комора, пред газдите, пред оние што ни иселија членови од нашите семејства во изминатите 36 години. Да им кажеме дека е доста! Претераа! Тоа што им го прават на работниците, тоа што им вадат душа за да возат еден џип повеќе, за да имаат еден стан и вила повеќе, веќе е нечовечки. И ќе завршиме пред Владата, истата Влада што година и пол ги мие рацете од работниците, реќе Трендафилов.




