Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев сака за својата земја експертска влада, слична на италијанската што извесно време беше предводена од Марио Монти, пренесе БТА, цитирајќи го интервјуто на бугарскиот шеф на државата за денешниот австриски весник „Стандард“.
– Сакам да работиме како што Монти успеа да направи во Италија. Треба да имаме повеќе амбиции освен организирање на претстојните избори и да ја надминеме малата криза, дополнува Плевнелиев за австрискиот дневен весник.
– Треба да ја искоритиме позитивната енергија што ја има во овој момент на улиците и во интернет мрежата во Бугарија, рече бугарскиот претседател.
Бугарите веќе четири недели секојдневно протестираат.
Вчера почина трет бугарски граѓанин кој пред 15 дена се самозапали во текот на протестите против растечката сиромаштија и корупција во земјата.
Во меѓувреме, протестите против незадоволството од политичката елита и економската ситуација продолжуваат.
Во Софија демонстрантите вчера ја блокираа главната железничка станица бидејќи властите сакале да ја продадат.
Во Благоевград полицијата ги спречи демонстрантите да го блокираат патот Е-75 кон Грција.