Ирена Јакимова: Не дека немам друга работа, ама некако ме поттикна целава галама околу чантата на сопругата на Градоначалникот на Скопје да споделам и јас некој збор.
Целата приказна може да се разгледа од неколку (жални) агли … и ајде, зошто да не?
Фокусот со чантата само го зајакнува гледиштето дека жените на носителите на важни јавни функции се – украс.
Реално, кај нас, сопругите на личности на важни јавни функции и не се покажале со некоја јавна активност, присуство (presence) и дејствување во насока на застапување на некакви вредности. Чест на исклучоци.
Сите ние застапуваме вредности, со нашето однесување и носење – претставуваме нешта за кои веруваме дека се важни. Даваме пример.
Не си „некоја чанта“ ако пласираш дека сопругата на Градоначалникот имала чанта од 30,000 долари и така „ловиш“ корупција.
Од друга страна, не е ниту некоја скромност таа да се „брани“ дека чантата била 950 денари.
Па, велат дека „таа е скромна“, што би значело и „таа е од народот.“
Но, дали тоа е вистинска скромност?
Дали, реално, не ни се пласира лажна скромност низ децении?
Дали не се велича ефтиното? Лошите услови? Преживувањето?
Зошто, па, да не носи (по)скапа чанта?
Зошто да немаме развиена економија за сите да можат да си купат чанти какви што сакаат, притоа да се цени индивидуалниот стил, а не да се мери квалитетот само со цената и марката?
Сите се најдоа да коментираат, а не видов некој правилно да го напише името на компанијата производител на која се сомневаа…
Знам дека чантите и часовниците се само метафора и надворешен симбол – дека главното прашање е – од каде се парите за тоа?
Не си „некоја чанта“ ако си го градиш чувството на вредност само преку скапи предмети, при тоа, набавени со пари од корупција.
Од друга страна, пак, дали е скромност да свикаш толкав настан за да раскажеш за своите резултати за 100 дена?
А, зошто пак и да не раскаже?
Зошто да величаме лажна скромност каде што не треба да зборуваш за тоа што го работиш и си го сработил/а?
Трета страна на гледање е што настанот можел да биде поинаков, можел да биде поотворен за сите …
Значи, не мора да е црно или бело.
Се занимаваме со странични теми, лесно се лапнува јадицата на дистракција (одвлекување внимание), и не се гледаат повеќе страни на секоја ситуација.
Слично беше и со онаа бурна седмица кога на Роми им беа одземени колите, според новиот закон. Луѓе лесно заземаа страни без да се сетат и запрашаат: „Колку пати сме виделе на некој функционер да му се одземе или спречи набавката на екстремно скапа и непотребна кола? При тоа, колку пати сме реагирале и биле силни на ФБ?“
Не може да е само црно или бело.
А тие се најлесни, знам.
Не си „некоја чанта“ ако „нашите“ се секогаш супер, а „оние“ се онакви.
Треба малку волја и напор да се научиме да ја бараме суштината, да ја бараме мерката (дури не мора ни средината) и да бараме – квалитет. На животот.
Да гледаме посуштински во работите, избегнувајќи ја рамката на „нашите“ и „оние“, туку некако да се залагаме за вредности што на сите ќе им служат.
Знам дека одам на лизгав терен.
Ама, тоа е. Гледам лизгање на Олимпијадата и вака се присеќавам на детството и младоста кога имавме лизгалиште. Сега немаме.
Извир; Фејсбук



