Србија треба да го уапси и испорача Воислав Шешељ во Хаг денеска, откако Жалбениот совет на Хашкиот трибунал го побарал тоа од српската влада, со објаснување дека неговата здравствена состојба не може да го спречи тоа.
Шешељ во својот одговор до Трибуналот навел дека не направил ништо погрешно во однос на налогот од Претресниот совет на Хашкиот трибунал со кој тој е пуштен на привремена слобода, и дека не постои опасност од тоа тој да избега, како и дека не влијаел врз сведоците и ниеден од нив не бил загрозен.
Жалбениот совет, пак заклучил дека Претресниот совет погрешил со тоа што не ја повлекол одлуката за ослободувањето на Шешељ, ја поништил одлуката на Претресниот совет од 13-ти јануари и издал налог таа веднаш да се повлече и да се наложи негово враќање во Хаг.
Налогот на Жалбениот совет не бил потпишан од двајца од вкупно пет судии – Бахтијар Тузмукамедов и Кофи Куелио Афанџе.




