Дали Велика Британија треба да остане членка на Европската унија, е прашањето на кое Британците ќе гласаат на референдумот за членството во ЕУ кој треба да се одржи во наредните две години, јавува Ројтерс.
За тоа како ќе биде псотавено прашањето е дел од предлог законот за кој британскиот премиер Дејвид Камерон изрази надеж дека ќе биде усвоен во парламентот за многу краток период.
– Законот ќе биде донесен како би се обезбедил референдум за членство во ЕУ пред крајот на 2017, изјави британската кралица на традиционалниот говор пред почетокот со работа на новиот состав.
Таа вели “нејзината влада“ ќе преговара со Унијата за реформи внатре во неа, за доброто на сите држави членки.
Дејвид Камерон смета дека неопходни се реформи како неговата земја би останала во Унијата. Тој по неодамнешната средба со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер соопшти дека тргнува на средби во Данска, Холандија, Франција, Белгија и други земји за да ги претстави своите идеи за ЕУ.
Тој ќе се сретне најпрво со холандскиот премиер Марко Рутео, потоа со францускиот претседател Франсоа Оланд, па со премиерката на Полска, Ева Копач, а турнејата ќе ја заврши со средба во Германија помеѓу него и Ангела Меркел.




