Меѓу албанските и американските знамиња, на денешниот протест во центарот на Скопје, на кој се бараше правосудниот испит да се полага и на албански јазик, немаше ниту едно македонско знаме.
Се слушаа скандирања и негодувања упатени кон политичките партии. Некои од присутните на протестот носеа и политички пораки, меѓу кои „Охридскиот договор не се преговара повторно“ и „Законот за јазиците е јасен“, а дел од нив упатија и директни пораки до правосудните институции и Уставниот суд.
Протест за полагање правосуден испит на албански јазик / Фото: Слободен печат – Методи ЗдравевПротест за полагање правосуден испит на албански јазик / Фото: Слободен печат – Методи Здравев
„Не го допирајте Законот за јазиците!“, беше една од пораките на протестот, проследена со скандирања за одговорност и оставки.
Протестот помина со засилено полициско присуство, а сообраќајот во централното градско подрачје беше привремено пренасочен.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно ги повика студентите и учесниците да не дозволат, како што рече, „да бидат алатка во рацете на опозициска политичка партија“, додавајќи дека Владата веќе формирала група уставни експерти кои работат на изнаоѓање решение.
Протест за полагање правосуден испит на албански јазик / Фото: Слободен печат – Методи ЗдравевПротест за полагање правосуден испит на албански јазик / Фото: Слободен печат – Методи Здравев
Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, остро реагираше на протестот, опишувајќи го како политичка манипулација. Тачи изјави дека, иако студентите можеби се во право и можат да бидат поддржани, начинот на кој се организирани овие протести претставува, според него, „најперфидна форма на легитимирање на неуспесите“ на ДУИ.
Тој додаде дека овој пристап е измама кон албанското јавно мислење во Македонија и кон меѓународната заедница, споредувајќи ја ситуацијата со старите периоди кога Албанците бараа минимални права. Според Тачи, неприфатливо е што во 21 век сè уште се бара развој на правосудниот испит на албански јазик, нагласувајќи дека неговата партија не ги поддржува таквите пристапи. Тој, исто така, изрази сомнежи за вмешаност на разни политички фактори, но нагласи дека неговиот став се базира на лично политичко искуство.
Од друга страна, портпаролката на ДУИ, Арта Биљали Зендели, изјави дека гаранциите за правата важат само за време на кампања.
„Гаранциите за правата очигледно важат само за време на кампањата! По кампањата нивниот глас не се слуша, но гласот на студентите не запира пред дискриминацијата, ароганцијата и мајоризацијата. Денес, студентите се на патот кон достоинство“, рече Биљали Зендели.
Еден од лидерите на Вреди, Изет Меџити, изјави дека политиката за јазикот во Македонија, за жал, е регулирана со половичен закон.
Половичните закони даваат половични решенија. Затоа протестот е повик за свесност за сите политички и општествени чинители кои мора да придонесат за подобри законски решенија и долгорочни институционални политики во земјата. Наместо политизација, повикувам на свесност, затоа што студентските протести секогаш се аларм за општествени феномени со кои политичките структури имаат обврска да ги третираат во целост, рече Meџити.
Извор: Слободен печат.мк




