Фани Каранфиловска Пановска: На денешната Национална дебата за улогата на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ – „Гласот на граѓаните во Собранието“, организирана од Институтот за европска политика (EПИ), граѓаните јасно порачаа дека сакаат да имаат увид во напредокот и текот на процесот за зачленување во Европската Унија, сакаат да знаат кои се бенефитите од членството во ЕУ и што прави власта да го откочи процесот.
Со конкретни прашања и директни пораки, граѓаните порачаа дека очекуваат напредок и функционални институции. Во денешната дискусија нагласив дека членството во ЕУ значи пристап до фондови, инвестиции, развој на инфраструктурата, подобри училишта, болници и услови за живот за сите граѓани.
Две години со Владата на ВМРО-ДПМНЕ, европскиот пат е во ќорсокак. Оваа влада свесно ја држи државата изолирана од ЕУ, затоа што очигледно членството во ЕУ не оди на линија на нивниот начин на владеење и користењето на јавните ресурси. Наместо реформи и одговорни политики, сведоци сме на застој, влошени односи со соседите и целосно отсуство на политичка волја за напредок кон европскиот пат.
Застојот на европската перспектива значи застој на државата. Тоа значи помалку инвестиции, помалку можности и неизвесност за младите, но и губење на реални шанси што другите земји во регионот веќе ги користат.
Граѓаните заслужуваат подобар животен стандард, функционални институции и сигурност – и тоа денеска го покажаа. Сакаат нивните деца да останат тука и да живеат достоинствено. Европската Унија е нашата иднина и единствениот реален пат за напредок на државата и подобар живот за сите граѓани.
Извор: Фејсбук



