Во источна Украина повторно избувна оган помеѓу украинските сили и про-руските бунтовници и покрај договорот за прекин на огнот, објавува Би-Би-Си.
Борбите, во кои се користела тешка артилерија и тенкови, се случиле во местото Маринка и Краснохоривка, во близина на градот Донетск кој е под контрола на бунтовниците.
Украина ги обвини бунтовниците дека започнале голема офанзива и дека го прекршиле примирјето. Сепаратистите одговорноста ја префрлаат врз украинските сили.
Дописник на Би-Би-Си соопштува дека судирите биле најжестоки по потпишувањето на договорот за прекин на огнот во февруари во Минск, Белорусија.
Владата, западните лидери и НАТО веќе одамна тврдат дека постои јасен доказ за инволвираност на Русија во конфликтот и дека таа ги помага бунтовниците во регионот на Донетск и Луганск со тешко вооружување.
Москва ваквите обвинувања ги демантира. Борбите на источниот дел на Украина се интензивираа по одлуката на Русија да го припои полуостровот Крим.




