Странката на демократска акција на Македонија (СДА Македонија) упати остар апел до Владата и парламентарното мнозинство, барајќи итно да се спречи негативното влијание на идеологијата на „српскиот свет“ и Северна Македонија одлучно да се врати на патот кон евроинтеграциите.
Во официјалното соопштение, партијата го поздрави усвојувањето на најновиот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија. Според СДА Македонија, овој документ реално ги отсликува состојбите во државата и нуди прецизен преглед на чекорите што властите мора да ги преземат за да се изгради просперитетна, демократска, функционална и праведна европска држава.
Од партијата упатија сериозни критики до власта, предупредувајќи дека владејачкото мнозинство не смее да ги игнорира оцените и пораките што доаѓаат од Брисел.
„Влада која мисли на граѓаните не треба да го игнорира Извештајот за напредокот на Северна Македонија, таа треба сериозно да се посвети на реформите кои ЕУ ги бара од нашата држава“, се наведува во соопштението на СДА Македонија.
Партијата потенцира дека Република Северна Македонија мора стратешки да го искористи претстојниот бран на проширување на ЕУ, во кој се очекува влез на Црна Гора и Албанија. Според нив, оваа стратешка цел е целосно достижна за државата, но под услов власта веднаш да се откаже од, како што велат, „изолационистичката политика“ и интензивно да се посвети на спроведувањето на неопходните реформи.
На крајот од своето обраќање, СДА Македонија ја повика Владата да ја прифати „подадената рака“ од опозицијата за да се постигне широк национален консензус, со цел Северна Македонија да стане рамноправен дел од европското семејство до 2030 година.




